Украина се откажа од надежта дека ќе добие борбени авиони Ф-16 од американско производство оваа година, по неколку месеци притисок врз западните сојузници да ги испорачаат напредните авиони за одбрана од руска инвазија.
„Очигледно е дека нема да можеме да ја одбраниме Украина оваа есен и зима со Ф-16“, изјави портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат за украинската телевизија.
„Имаше голема надеж дека овој авион ќе стане дел од нашата противвоздушна одбрана и ќе не заштити од проектили и дронови од терор од Русија“, додаде тој.
Ниту една земја сè уште не се обврзала да испрати Ф-16 во Украина
Ихнат нагласи дека е постигнат барем одреден напредок бидејќи украинските пилоти и техничари ќе можат да започнат со обука за борбени авиони во блиска иднина.
Членките на НАТО, Холандија и Данска ја предводат коалицијата од 11 земји за обука на украински пилоти на западни борбени авиони, но обуката не значи дека Ф-16 всушност ќе бидат испорачани.
Ниту една земја сè уште не се обврзала да ги испрати во Украина. Авионите од складиштето во Холандија, Белгија, Данска и Норвешка, исто така, би можеле да бидат испорачани подоцна.
Но, ветената обука се уште не е организирана. Воздушната поддршка особено им недостига на украинските сили за време на сегашната контраофанзива, пренесува Индекс.