Португалија ќе набави три борбени фрегати, изработени од италијанската компанија „Финкантиери“, објави премиерката на Италија Џорџа Мелони. Таа ја поздрави зделката, оценувајќи ја како поттик за европската одбранбена индустрија.
Станува збор за повеќенаменски воени бродови, развиени заеднички од „Финкантиери“ и француската компанија „Навал Груп“. Според извор цитиран од агенцијата „Ројтерс“, вредноста на договорот изнесува околу три милијарди евра.
Мелони изјави дека е „исклучително задоволна“ од договорот, кој го соопшти на заедничка прес-конференција со португалскиот премиер Луиш Монтенегро во Рим. „Ова е признание за нивото на италијанската индустрија, но и доказ дека Европа може да ја зајакне својата стратешка одбранбена автономија, инвестирајќи во индустриските и техничките капацитети на сопствените компании“, рече италијанската премиерка.