Португалија донесе закон со кој се забранува покривање на лицето на јавни места, а за прекршување на забраната се предвидени казни од 150 до 3.000 евра. Новите прописи, кои локалните медиуми ги нарекоа „закон за бурка“, забрануваат носење облека која го покрива лицето или оневозможува идентификација, пишува Euronews.
Со законот исто така се забранува присилување други лица да го покриваат лицето врз основа на пол, вера, возраст или потекло.
„Лицето мора да се смета за централен елемент на човековиот идентитет и комуникација“, порача португалскиот претседател Антонио Жозе Сегуро, кој призна дека станува збор за прашање со „голема општествена и културна чувствителност“.
Од забраната се изземени случаите кога лицето се покрива од здравствени, професионални, уметнички или временски причини. Забраната не се однесува ниту на верски објекти, дипломатски претставништва и авиони.
Критики од левицата и правни експерти
Законот во парламентот беше изгласан во јули со поддршка од владејачката десничарска коалиција и партиите од крајната десница, додека левичарските партии гласаа против.
Предлог-законот беше поднесен од десничарската партија „Чега“, а негативни мислења за него дадоа Португалската адвокатска комора, Високиот совет на државното обвинителство и Португалската асоцијација на адвокатки. Експертите изразија и загриженост дека законот би можел да биде неуставен.
Социјалистичката партија (PS), зелено-левичарската „Ливре“ и Португалската комунистичка партија (PCP) се спротивставија на предлогот.
Социјалистите ја осудија, како што наведоа, „очигледната исламофобна намера во образложението на законот, контекстот на радикализам во кој живееме и ризиците што тоа ги создава за директно погодените заедници“.
Од Комунистичката партија изјавија дека предлогот „нема никаква врска со правата на жените ниту со безбедносните прашања“ и дека неговата „единствена цел е поттикнување говор на омраза и насилство кон оние кои се различни“.
Партијата „Ливре“ ја обвини десницата за лицемерство и пристрасност во дебатата. Според нив, во Португалија се обидува да се создаде „морална паника поради наводната исламска инвазија за која десницата често зборува“.