Постар маж е приведен пред Собранието на Србија во пресрет на денешниот голем протест.
Како што пишува Нова.рс, мажот им пришол на чуварите и им се заканил со бомби, по што бил приведен.
Инаку, во Белград веќе започна собирот на учесниците на протестот пред Собранието на Србија, додека силни полициски сили се распоредени околу клучните институции, меѓу кои и Претседателството и Паркот Пионирски.
15 минути молк на повеќе локации во Белград се одржа во спомен на жртвите во Нови Сад.
Колона мотоциклисти се формирала во близина на плоштадот Никола Пашиќ, додека полициските сили и Жандармеријата биле стационирани зад металните огради. Полицајците се присутни со опрема за разбивање на протестите, но засега ги држат шлемовите на појасот, објави агенцијата Бета.
Од другата страна на оградата во Паркот Пионирски, насобраните демонстранти свиркат, повремено извикувајќи ги паролите „пумпај, пумпај“.
За потсетување, белградските студенти во блокадата, кои денеска го организираат протестот, на својата официјална страница на Инстаграм објавија дека собирот ќе започне во 16 часот.
Студенти на белградските факултети и граѓани синоќа се собраа во центарот на Белград на Теразије, каде им приредија спектакуларен пречек на студентите кои пристигнаа во главниот град на Србија во пресрет на масовниот протест.
