Предводени од идејата на Европската унија, ”Обединети во различностите” , Македонија ќе развива национална стратегија за еднакво општество. Промени се очекуваат во правната рамка, образованието, културата, медиумите, локалната самоуправа, младите и општествената кохезија и интеграција. Од друга страна, во Кривичниот законик се воведуваат кривични дела од омраза кои што построго ќе се казнуваат.
„Министерството за правда изработи и пушти во собраниска процедура измени на Кривичниот законик во кој што се воведуваат кривични дела од омраза. Во различни кривични дела ќе има квалифициран основ за построго казнување доколку одредено дело е сторено со мотив на омраза, без оглед на тоа дали тоа е омраза од етничка, религиозна, идентитетска или друго“, изјави Рената Дескоска, министерка за правда.
За премиерот Заев не е доволно да се надмине само омразата и недоразбирањата, туку и да се создадат и социо-економски услови за еднаквост меѓу граѓаните.
„Мене лично како на Зоран Заев едноставно ми е несфатливо како во нашата заедница ни се протнаа злосторства од омраза. Таквите појави не и доликуваат на нашата држава, како на едно демократско општество. Треба да направиме се за тие инциденти да бидат изложени и осудени. И во меѓувреме, да направиме се што можеме да ја запреме омразата, да застанеме на патот на оние што сеат омраза и да не влегуваме во тој ланец на злото“, изјави Зоран Заев, премиер на РМ.
Креирањето на оваа национална стратегија е дел од препораките од Советот на Европа, посочени во последниот извештај на Европската Комисија. Како што е најавено, тие ќе почнат да се применуваат дури од средината на следната година.
РЕПОРТЕР: ДАНЧЕ АЗМАНОВА
