Потпишан договорот: „Виз Ер“ најави нови рути и зголемување на бројот на неделни летови

„Виз Ер“ го доби тендерот за ефтини авио летови од Македонија, и денеска беше потпишан договорот меѓу оваа авио-компанија и Владата на Република Македонија.

Компанијата „Виз Ер“ најави петти авион во скопската база, како и почеток на осум нови долгоочекувани рути од Скопје до Карлсруе / Баден-Баден, Бремен, Ларнака и Турку и од Охрид до Малме, Милано Малпенса, Минхен Меминген и Дортмунд. Зголемувањето на флотата, исто така, ќе овозможи зголемување на бројот на неделни летови на постоечките рути на „Виз Ер“ од Скопје до Гетеборг, Хамбург, Келн, Малта и Базел.

“Понатамошното проширување на нашите услуги во Македонија значи дека Виз Ер може да обезбеди уште повеќе можности за македонските клиенти да патуваат низ Европа по најниски цени. Денес го објавивме додавањето на петтиот авион (Airbus А320) на нашата база во Скопје заедно со осум долго-очекувани рути од Скопје и Охрид до Германија, Кипар, Финска, Шведска и Италија. Уверени сме дека нашите клиенти ќе ги ценат овие дестинации и дека овие рути ќе бидат исто толку популарни како и другите 30 во нашата македонска мрежа. Ние ќе продолжиме понатаму да го прошируваме нашето влијание на мрежата и да обезбедиме навистина поволни цени, како и да ја стимулираме локалната економија на заедниците кои ги опслужуваме. Без оглед на вашата желба за патување, сигурно ќе ја најдете дестинацијата која ќе ве воодушеви и ќе ве инспирира. Каде и да одлучите да летате, екипажот на Виз Ер ќе биде подготвен да ве прими со насмевка”, изјави Џорџ Михалопулос, главен комерцијален директор на Виз Ер, зборувајќи на прес-конференција во Скопје.

“Наше задоволство е што денес започнеме нова фаза во развојот на воздушниот сообраќај во Република Македонија. Како одговорно владино тело, ние сме силно посветени на развојот на воздушниот транспорт и создавање на услови за воспоставување пристап до нови дестинации за Македонските граѓани. Денес потпишавме договор со Виз Ер, што претставува почеток на нова соработка и можност за подобрување на воздушниот сообраќај во нашата земја. Би сакал да и честитам на авиокомпанијата. Тие остануваат сериозен партнер на Владата во развојот на воздушниот сообраќај во Република Македонија “, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Извор: ТВ21