Потпорен ѕид во Припор – никој не презема одговорност за смртта на работникот

Овој булдожер не го користи никој уште од 28-ми ноември. Откако почина градежен работник, изградбата на потпорниот ѕид во населбата Припор е стопирана.

„Поминаа речиси две недели откако почина работник поради лизгање на земјиште. Досега нема одговорност ниту од фирмата изведувач „Баџак“, ниту пак од општината Кисела Вода. Жителите освен одговорност, бараат и изградбата на потпорниот ѕид да заврши што е можно поскоро“, вели нашиот репортер, Бесир Арифи.

Се вчитува...

Во недостиг на одговор од општината, жителите веќе неколку дена протестираат и бараат решение. Утрово се собраа пред општината Кисела Вода за да ги изнесат нивните барања.

Околу три илјади жители на Припор кои поминуваат преку блокираниот пат, велат дека немаат алтернативен пат кој би можеле да го користат привремено. По трагедијата, ниту општината не знае кога ќе продолжат активностите на терен.

„Активностите на терен ќе продолжат кога ќе се добие дозвола од надлежните институции. Општина Кисела Вода се надева дека тоа ќе се случи наскоро. Доколку ви се потребни информации од фирмата изведувач Баџак Инженеринг ќе треба да се обратите кај нив. Воедно за тоа кој ќе сноси одговорност не сме компетентни да ви одговориме, тоа е во надлежност на ОЈО“, велат од Општина Кисела Вода.

Се обидовме да стапиме во контакт и со компанијата Баџак Инженеринг, но не успеавме. Жителите за денеска најавија дека ќе го блокираат патот близу општинската зграда, но се откажаа. Како што велат, добиле ветување од општината дека ќе биде отворен привремен алтернативен пат. Доколку изградбата на потпорниот ѕид не заврши наскоро, жителите на Припор повторно најавија протест или блокада на улиците.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21