Втор ден грчката крајбрежна стража продолжува со потрагата по преживеани по бродската несреќа кај грчкиот остров Родос, јавија ДПА и Асошиејтед прес и БТА.
Во средата, брод долг околу 15 метри со десетици мигранти почна да истекува вода, а потоа потона.
„Надежта за пронаоѓање преживеани се намалува“, изјави портпаролката на крајбрежната стража утрово за ДПА.
Досега грчките власти и товарен брод што минуваше спасија 29 лица.
Двајца од преживеаните беа извлечени од морето со хеликоптер на воздухопловните сили и пренесени на островот Карпатос, додека останатите 27 беа спасени од товарниот брод и пренесени на островот Кос, каде што пристигнаа вчера попладне, јави АП.
Спасувачите даваат различни извештаи за бројот на луѓе на потонатиот брод. Се зборува дека имало меѓу 60 и 80 луѓе.
Грчките власти соопштија дека чамецот потонал во меѓународни води, но во областа на одговорност на Грција за потрага и спасување, забележува АП.
Бидејќи досега не се пронајдени тела, претставниците на крајбрежната стража претпоставуваат дека исчезнатите лица не успеале навреме да излезат од бродот што тоне, јави ДПА.
Според властите, чамецот ја напуштил Турција и требало да стигне до Италија.
Сè уште не е јасно зошто потонал чамецот, но според властите, временските услови во областа биле тешки, имало силен ветер, а морето било многу разбранувано, забележува АП.
На долгата и опасна рута од Турција до Италија, старите чамци често се расипуваат, што доведува до сериозни несреќи со жртви.