Повеќе од седум дена по разорните земјотреси во Турција и Сирија, спасувачите продолжуваат со очајничките напори да најдат преживеани под урнатините.
Сепак, надежите за пронаоѓање живи луѓе се намалуваат. Жртвите во двете земји се веќе близу 40 илјади.
Сириската влада отвора два дополнителни контролни пункта за да овозможи помош за погодените од земјотресот.
Генералниот секретар на ОН рече дека оваа одлука ќе има значително влијание врз количината на испорачаната помош и брзината со која таа стигнува до жртвите.
Но, додека помошта пристигнува во Турција полесно и побрзо, граѓанската војна во Сирија го спречува снабдувањето.
Режимот на претседателот Асад рече дека недостигот на помош за жртвите се должи на меѓународните санкции против Сирија. Но, хуманитарните организации инсистираат дека главната пречка е одбивањето на Асад да дозволи конвои со храна и облека да влезат на територии што тој не ги контролира.
Во Хатај има тим од 20 пештерски спасувачи. Тие се испратени од невладина организација да помогнат. Мажите рекоа дека дошле малку доцна бидејќи веќе ваделе повеќе трупови отколку живи луѓе.
„Областа се наоѓа на околу 50 километри од Сирија. Овде повеќе личи на бегалски центар. Има многу полиција и жандармерија кои ја контролираат ситуацијата“, рекол еден од спасувачите.