Македонија

Повеќе пари за студентски оброк: Предлогот е 4.500 денари месечно

Повеќе пари за студентски оброк: Предлогот е 4.500 денари месечно

Наместо досегашните 3.500 денари, студентите би можеле месечно да добиваат субвенција за оброк во вредност од 4.500 денари, но со нов начин на користење преку државната апликација „М-Услуги“. Предлогот предвидува средствата да се трошат исклучиво за храна, а студентите да добијат и дополнителни попусти во маркетите и угостителските објекти.

Моделот го најави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претставници на студентските парламенти од универзитетите во земјава. Според него, идејата е државната поддршка да ја исполнува својата основна намена, односно да им овозможи на студентите полесно да ги покриваат трошоците за исхрана.

Мицкоски рече дека постојат сомнежи оти дел од корисниците парите што ги добиваат на дебитните картички не ги користат за студентски оброк, поради што се разгледува можноста за воведување посебна услуга во апликацијата „М-Услуги“, наречена „М-Студентски оброк“.

Преку оваа услуга, студентите би можеле да купуваат храна во ресторани, маркети, млечни ресторани и други објекти што ќе бидат вклучени во системот. Купувањето алкохол и цигари не би било дозволено.

„Наместо картички и сегашните 3.500 денари месечно, да додадеме во апликацијата „М-Услуги“ посебна услуга „М-Студентски оброк“, со која сегашните 3.500 денари ќе вредат 4.500 денари. Преку апликацијата ќе обезбедиме список на ресторани, маркети и млечни ресторани каде што студентите ќе можат да купуваат храна“, објасни Мицкоски.

Дополнителна поволност во предложениот модел се попустите што Владата планира да ги договори со трговците. Според најавата, тие би изнесувале од 20 до 25 проценти, а би можеле да се користат и откако студентот ќе ја потроши месечната субвенција, односно до крајот на месецот.

Во системот, според Мицкоски, би се користела и вештачка интелигенција за да се обезбеди средствата да се трошат за предвидената намена.

Предлогот сè уште не е конечен. Студентските претставници треба да разговараат со своите колеги и да го соопштат својот став на следната средба, по што би можеле да започнат подготовките за реализација на моделот.

На средбата биле отворени и прашања поврзани со подобрувањето на студентскиот стандард, изградбата на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и реконструкцијата на студентските домови.

Мицкоски оцени дека студентскиот стандард во 2026 година е двојно подобрен во споредба со 2022 година, повикувајќи се на разговорите со студентските претставници.

Како еден од преостанатите предизвици, тој го посочи подобрувањето на позицијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Шангајската листа, нагласувајќи дека за унапредување на квалитетот на високото образование е потребна соработка меѓу студентите и институциите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни