Со намалување на акцизите и на данокот на додадена вредност за горивата, Владата успеала да ги задржи цените на пониско ниво во споредба со земјите од регионот, тврди премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, тој порача дека актуелните мерки за справување со енергетската криза имаат влијание врз буџетските приходи, поради што се подготвува и втор ребаланс на Буџетот.
Според податоците што ги презентираше Мицкоски, литар дизел во Македонија чини 99 денари, додека во Хрватска е 116 денари, во Босна и Херцеговина и Словенија по 119 денари, во Црна Гора 122 денари, во Србија 124 денари, во Грција 129 денари, а во Албанија 145 денари.
Кај бензинот безоловен 95 октани, премиерот наведе дека цената во земјава изнесува 91 денар за литар. За споредба, во Хрватска е 104 денари, во Словенија и Босна и Херцеговина по 106 денари, во Србија 109 денари, во Црна Гора 113 денари, во Албанија 117 денари, а во Грција 131 денар.
Мицкоски оцени дека овие разлики се резултат на владините интервенции во акцизите и ДДВ-то. Тој посочи дека ДДВ-то за дизелот е намалено од 18 на 10 проценти, а мерки биле преземени и во претходниот бран на енергетската криза, со цел да се ублажи ударот врз граѓаните.
Осврнувајќи се на споредбите за куповната моќ на граѓаните во Македонија и Германија, премиерот рече дека, според него, поважно е да се анализира колку гориво можеле да купат граѓаните со просечната плата пред почетокот на кризата, а колку можат да купат сега.
„Анализата покажува дека денес со просечната плата во Македонија купуваме повеќе литри дизел отколку пред да почне енергетската криза, споредено со Германија“, изјави Мицкоски, објаснувајќи дека разликата во куповната моќ меѓу двете земји, според неговите пресметки, е двојна.
Премиерот најави дека вториот ребаланс на Буџетот е потребен поради финансиските последици од мерките за ублажување на енергетската криза. Според него, намалените давачки за горивата предизвикуваат недостиг на буџетски приходи од околу пет до шест милијарди денари, односно приближно 100 милиони евра.
Тој оцени дека доколку Владата не интервенирала со намалување на даноците и акцизите, цените на горивата ќе биле значително повисоки, а буџетските приходи ќе биле поголеми. Како пример го посочи периодот во 2022 година, кога, според него, цените на дизелот и бензинот достигнале повеќе од две евра за литар.
Во однос на цената на електричната енергија, Мицкоски ги отфрли тврдењата дека претстои поскапување, оценувајќи ги како шпекулации на опозицијата. Тој рече дека конкретниот одговор ќе го даде Регулаторната комисија за енергетика во декември, пред промените што би можеле да стапат во сила од 1 јануари.
Според премиерот, во периодот од 2018 до 2023 година цената на електричната енергија била зголемена за 35 проценти, додека од 2024 до 2026 година, како што наведе, не е забележано зголемување.
„Еве, ќе дојде 1 јануари и ќе видиме дали цената на електричната енергија ќе поскапи. Така велеа и за 2024, па за 2025 година, а истото го зборуваат и за 2026 година. Досега цената на електричната енергија не се зголеми“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека последиците од претходните состојби во енергетскиот сектор сè уште претставуваат товар, но оцени дека состојбата е подобрена и дека очекува дополнителен напредок.