Повредениот Драган во дискотеката „Пулс“: Процесот на закрепнување е долг и тежок – животот продолжува понатаму

Полека се подобрува здравствената состојба на дел од повредените во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Еден од нив, Драган Давитковски, вели дека процесот на закрепнување е долг и тежок, но дека со текот на времето чувствува напредок.

Тој објаснува дека сè уште се соочува со последиците од повредите, меѓу кои изгореници и внатрешни повреди, поради што редовно оди на медицински третмани и прегледи.

„Како се чувствувам… Животот продолжува понатаму. Имам некои повреди, тоа е. Имам изгореници, имав и внатрешни повреди. Одиме во Скопје на ласерски третмани, а пулмолози доаѓаат во Кочани и нѐ прегледуваат во болницата“, изјави Давитковски.

Според него, најтешки биле првите денови по несреќата, кога состојбата била многу посериозна, но со текот на времето работите постепено се подобруваат.

„Првите денови беше потешко, понатаму не е. Сега за сега сум подобро“, додава тој.

Давитковски посочува дека повредените меѓусебно се поддржуваат и се обидуваат да си дадат сила еден на друг во периодот на закрепнување.

„Ние повредените се знаеме, летото бевме на Пониква. Ова ни е прво спортско дружење. Јас на сите сакам да им посакам побрзо оздравување“, рече тој.

И покрај тешките моменти низ кои поминуваат, Давитковски вели дека животот мора да продолжи понатаму.

„Малку тешко, ама мора да продолжи“, вели тој.

Тој раскажува дека во дискотеката пристигнал околу 1:30 часот по полноќ заедно со сопругата и пријатели, а трагедијата се случила околу еден и пол час подоцна.

„Бев на концерт, отидов околу 1:30 часот и за еден и пол час се случи тоа што се случи. Бев со сопругата и со другари. Од нашата маса има двајца починати“, сведочи Давитковски.