Балкан

Повредениот српски државјанин од инцидентот на летот на „Рајанер“ е хоспитализиран во Солун

Повредениот српски државјанин од инцидентот на летот на „Рајанер“ е хоспитализиран во Солун

Вистинска драма се одвивала на лет на авиокомпанијата „Рајанер“ од Солун кон Минхен, откако за време на летот дошло до оштетување на прозорец, што предизвикало нагла декомпресија на кабината. Во инцидентот е повреден 61-годишен српски државјанин, кој по итното слетување бил пренесен во болница.

Според грчките медиуми, прозорецот се скршил за време на летот, по што притисокот во кабината нагло опаднал. Патниците кои седеле во непосредна близина реагирале веднаш и успеале да го задржат повредениот маж, кој бил до оштетениот прозорец.

„Катимерини“ објави дека при спуштањето на авионот, дел од оштетен мотор наводно се одвоил и удрил во прозорецот. Надлежните, сепак, соопштиле дека трупот на авионот не бил оштетен.

Пилотот веднаш го променил курсот и се вратил на аеродромот „Македонија“ во Солун, каде патниците биле безбедно евакуирани.

Повредениот 61-годишен српски државјанин бил во шок и со возило на Итната медицинска помош бил префрлен во Универзитетската општа болница АХЕПА во Солун. Според првичните информации, тој се здобил со повреди на вратот и изгореници од триење.

Очевидци за „Радио Солун“ изјавиле дека телото на мажот речиси до рамениците било извлечено надвор од авионот, но безбедносниот појас, неговата сопруга и патниците кои седеле до него успеале да го повлечат назад во кабината.

Грчките медиуми јавуваат дека во болница била пренесена и бремена жена која се наоѓала на истиот лет.

Претседателот на грчкиот синдикат на јавни здравствени работници ПОЕДИН, Михалис Јанакос, оцени дека е избегната голема трагедија, нагласувајќи дека брзата реакција на патниците била клучна за спасувањето на повредениот.

Од Генералниот конзулат на Србија во Солун соопштија дека повредениот е хоспитализиран и дека лекарите ја утврдуваат тежината на неговите повреди. Според досега достапните информации, неговиот живот не е во опасност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни