Пожарот на депонијата „Дрисла“ сè уште активен – дел од отпадот ќе биде затрупан

Пожарот што избувна на 09.09.2025 година во 15:15 часот на депонијата Дрисла во Скопје сè уште гори. Во централниот дел на депонијата се запалени поголеми количини отпад, при што се испушта густ чад што се чувствува и во пошироката околина, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Во гаснењето на пожарот интервенираат 7 пожарникари со 2 противпожарни возила од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Според моменталната состојба, пожарот не се шири и не претставува закана за околната шума, населба или населено место“, додава ЦУК.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, истакна дека е донесена одлука делот на Дрисла каде што има пожар да се затрупа, бидејќи гасењето со вода со противпожарни возила не дава резултат и густото чадење претставува проблем за граѓаните на Скопје.

„Со оглед на тоа што гасењето со вода не дава резултат, дадена е наредба да се затрупа делот каде што има пожар и кој претставува проблем поради густиот чад“, рече Ангелов.

Тој додаде дека постојат сомневања дека пожарот е подметнат.

„Има сомневања дека пожарот во Дрисла е подметнат. Целото лето, и покрај повисоките температури, депонијата не се запалуваше, а сега се активираше, што создава основи за сомневање. Исто така, предложивме до Владата да се донесе забрана за движење околу депонијата Вардариште. Движењето во неа ќе биде казниво“, додаде Ангелов.

Пожарот сè уште е активен, но според властите моментално не се шири и се преземаат мерки за целосно запирање на огнот и заштита на граѓаните.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.