На социјалните мрежи се појавија телефонските броеви на сите пратеници од редовите на СДСМ, како и на дел од нивната коалиција.
Во соопштението каде стојат телефонските броеви, се упатува апел до народот да им се порача да не го предаваат народот.
Пратеничката група на СДСМ овој потег го објаснува како дел од „црните сценарија“, пишува Слободен печат.
Порталот пишува дека на пратеникот Дарко Каевски од вчера му се јавувале голем број граѓани, со истото барање – да не се прифати францускиот предлог.
„Денеска ми се јави една повозрасна госпоѓа и откако и објаснив дека предлогот е добар за нас Македонците, се предомисли и ми порача да го направиме најдоброто за нашата земја“, рече Каевски.
На пратеничката Љатифа Шиковска пак денеска и стигнала СМС порака.
Во пораката немало заканувачка содржина, туку молба да не се прифати предлогот.
„Повик се уште не сум добила, но добив порака, која не беше вознемирувачка, туку беше со апел да не направиме зло на државата и народот“, вели таа.