Православните верници на 28 август го слават празникот Голема Богородица

Во четврток, на 28 август, православните верници ќе го одбележат еден од најголемите христијански празници – Успение на Пресвета Богородица, во народот познат како Голема Богородица. Бидејќи денот е неработен за верниците, многумина ќе го искористат за полупродолжен викенд.

Празникот го симболизира земниот крај на Богородица, кој Црквата го нарекува „успение“ – збор што означува сон, мир и духовно вознесение. Според црковното предание, веднаш по смртта таа била вознесена на небото и станала најголем застапник на луѓето пред Бога.

Во многу македонски цркви и манастири постојат уметнички претстави на овој свет настан, најчесто сместени над влезните порти. Народниот обичај наложува на овој ден верниците да избегнуваат физичка работа, а постои и верување дека водата со ронка боја од иконата на Богородица има исцелителна моќ.

Исто така, на празникот свој именден го слават многумина кои го носат името Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана и нивните изведеници.