Никола Груевски успеал да повлече околу 230 илјади евра, без да стравува од истражните органи. Пред да избега од Македонија, испразнил 35 банкарски сметки кои ги имал во државата. Од Финансиската полиција за ТВ21 велат дека тие не се надлежни за следењето на банкарските трансакции на обвинетите. Велат дека истрагата треба да ја спроведе Специјалното јавно обвинителство.
Дека Груевски нема пари на банкарските сметки или имот на негово име во Македонија, потврди и СЈО.
Додека екс-премиерот Груевски си ги спакува куферите и сега ужива статус на политички азил во Унгарија, денеска специјалната обвинителка Лиле Стефанова, побара притвор за него и за сите други обвинети во случајот „Траекторија“.
Одбраната побара раздвоена постапка за Груевски, а Судечкиот совет го прифати предлогот на СЈО – на Груевски да му се суди во отсуство.
„Доколку одбраната сметаше дека Груевски треба да присуствува, немаше да избега во Унгарија.“ – Лиле Стефанова, специјална обвинителка.
На рочиштето присуствуваше и екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој со лисици на раце беше спроведен од затворот „Шутка“, каде ја одлежува мерката 30-дневен притвор, како превентива да не избега како неговиот поранешен шеф Груевски. Инаку, поранешниот вицепремиер, Владимир Пешевски, кој исто така е обвинет во случајот „Траекторија“ не сакаше да коментира – дали тој ќе биде следниот кому ќе му биде одредена мерка притвор. Тој, минатата недела во емисија на ТВ21, рече дека Груевски треба да се врати во Македонија.
Во случајот „Траекторија“ обвинети се Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП „Државни патишта“, Љупчо Георгиевски. Според обвинението на СЈО, тие во втората половина на 2012 и во текот на 2013 година, презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, ги искористиле и пречекориле нивните овластувања. Според СЈО, обвинетите го оштетиле буџетот за 155 милиони евра.
Репортер: Аднан Ќаили
