Пред една седмица се сретна со Груевски, денеска дојде во суд, Трајковски: Во Будимпешта бев на лекување

Пред една недела во Будимпешта се виде со Никола Груевски кој е во бегство, а денеска Александар Трајковски се појави во Основен суд Скопје 1 – Скопје, како еден од обвинетите во случајот “Насилство во општина Центар“.

Надвор од судот не сакаше да зборува пред камерите, а во судот Трајковски им рече на новинарите дека во Унгарија бил на специјалистички лекарски преглед за синусите и респираторниот систем. Со себе имаше  документи и фискални сметки од лекарските прегледи, со цел да ги прикаже во судот, СЈО и на работното место “Македонска царина“.

Се вчитува...

Трајковски кој исто така е советник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Гази Баба, не сакаше да ја коментира средбата со Груевски, туку рече дека се сретнал со него како со сопартиец и поранешен лидер. За неговото лекување во Унгарија се заинтересира и обвинителката Фатиме Фетаи. Таа, во интерес на постапката и присуството на Трајковски во иднина, го праша обвинетиот дали повторно ќе оди на контроли во Будимпешта. Трајковски одговори дека лекарите веќе поставиле дијагноза и дека во иднина ќе се лекува во Македонија.

Во предметот “Насилство во општина Центар“, обвинет е и екс премиерот Никола Груевски. Неговите тројца адвокати денеска од процедурални причини, одлучија да не го застапуваат Груевски во овој предмет на СЈО.

И адвокатот Димитар Дангов на последното рочиште за предметот “Титаник“ изјави дека ќе се откаже од застапништво на Никола Груевски во овој предмет. Помина повеќе од еден месец откако екс премиерот избега од Македонија и доби политички азил во Унгарија. Само за случајот “Тенк“ тој треба да одлежи две години затворска казна. Во предметот “Насилство во општина Центар“, освен Груевски и Трајковски, обвинети се и екс министерот Јанакиески, пратеничката Рангелова и неколкумина други. Тие се товарат за поттикнување насилство кое се случи за време на протестите пред општина Центар во јуни, 2013 година.

Репортер: Бесир Арифи

Извор: ТВ21