Пред падот од балконот, починатата Ивана негирала дека била тепана од Стојанче – на полицајците им рекла дека се работело за недоразбирање

На прес-конференција, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти нови информации во врска со трагичниот настан во Карпош, во кој животот го загубија мајка и дете по пад од зграда.

Според информациите што ги изнесе министерот, на 02.03.2026 година околу 14:00 часот во Министерство за внатрешни работи била примена пријава од случаен минувач дека мајка и девојче паднале од зграда. Полицијата веднаш излегла на терен, а на лице место биле преземени соодветни мерки.

Министерот нагласи дека настанот имал претходница истиот ден. Во 12:05 часот била примена пријава за расправија меѓу сопружниците. Полициски службеници пристигнале на адресата и извршиле разговор со Ивана, која изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција. Таа навела дека брачните односи ги решава преку бракоразводна постапка. За разговорот била составена службена белешка, која ја потпишала.

Сите околности поврзани со двата настани се детално документирани и ќе бидат предмет на понатамошна анализа.

Министерот информираше дека Стојанче Јовановски е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.