Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ денеска (22 мај) одржа предупредувачки собир пред ТЦ „Лептокарија“ во Скопје. Тие го изразија својот револт против предложениот Закон за игри на среќа кој предвидува дистанца од 500 метри за објектите, предупредувајќи дека тоа ќе значи нивно затворање и губење на 10.000 работни места.
Социјална бомба: 10.000 луѓе на улица и потенцијално иселување
Претставничката на здружението, Оливера Костова, потенцираше дека локацијата на протестот во ТЦ „Лептокарија“ не е случајна, туку е практичен доказ дека владиниот предлог за оддалеченост од 500 метри всушност значи целосно затворање на легалните објекти.
Според неа, ваквиот законски предлог кој е донесен набрзина и без консултација со работниците, ќе предизвика огромна социјална криза.
- Губење на егзистенцијата: Околу 10.000 вработени директно ќе останат без работа.
- Бран на иселување: Заедно со семејствата, тоа се околу 35.000 граѓани кои, како што велат, ќе станат нови кандидати за иселување во западните земји, каде што ќе бараат работа во истиот сектор за кој веќе се професионално обучени.
„Ние не сме закана за младината. Закана за младината е популизмот кој со затворањето на легалните објекти ќе ги направи младите лесен плен на играчници на црно кои ќе се одвиваат по подруми, каде државата ќе нема никаква контрола“, предупреди Костова.
„Осум години сме жртви на политиката, живееме во страв“
Во името на работниците се обрати и Стеван Крстевски, кој нагласи дека вработените во овој сектор со години живеат во постојана агонија и немир поради лични бизнис-интереси и собирање евтини политички поени на нивен грб.
- „Дали некој се запрашал какво е чувството да се живее во ваква агонија? Од оваа работа ние чесно го вадиме нашиот леб. Сите ние имаме кредити за плаќање, подмируваме кирии и сметки, издржуваме семејства. Недозволиво е оние кои седат во удобните фотелји вака да си поигруваат со нашата егзистенција“, изјави Крстевски.
Ултиматум до институциите: Следат блокади низ цела држава
Двајцата претставници на Здружението „Сакам да работам“ испратија јасна порака до Владата и надлежните институции. Денешниот половина часовен протест со помал број луѓе го оценија само како прво предупредување.
Доколку институциите продолжат да ги игнорираат и не се најде решение за зачувување на нивните работни места, тие најавуваат радикализација на активностите преку масовни протести и блокади низ целата држава, заедно со сите вработени и нивните семејства.