Македонија

Прекинато рочиштето за „Пулс“: Му се слоши на првообвинетиот Дејан Јованов

Прекинато рочиштето за „Пулс“: Му се слоши на првообвинетиот Дејан Јованов
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Рочиштето за случајот „Пулс“ денеска беше прекинато откако на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко му се слошило во текот на судењето. Претходно, во големата судница во Идризово дојде до жестока расправија меѓу родителите на загинатите и одбраната, по што судијката Дијана Груевска-Илиевска побара дел од родителите да ја напуштат судницата.

Тензиите започнаа за време на сведочењето на техничкиот советник Петре Русески, ангажиран од одбраната на обвинетите. Тој говореше за објектот во кој функционирала дискотеката „Пулс“, оценувајќи дека станувало збор за деловно-производствен објект и дека градежните интервенции направени од закупецот Дејан Јованов не претставувале реконструкција, туку градежно-занаетчиски работи од лесен обем.

„Занаетчиска гасна комора! Тој до тебе ни ги уби децата“, дофрлиле родителите.

Адвокатката Ивана Коцевска, која го застапува Јованов, побара да нема дофрлања од присутните во судницата.

„Ние не сме јавност, ние сме оштетени! Ние ги изгубивме нашите деца. Извинете се!“, реагирале родителите.

Судијката Груевска-Илиевска потоа побара дел од родителите да излезат од судницата за да се смири ситуацијата.

„Без вас во судницава можеме, а без обвинетите и адвокатите не можеме да ја водиме постапката“, им рекла судијката.

Родителите возвратиле: „Без нас можете, судијке, ама ние без нашите деца не можеме“.

Дел од родителите со солзи ја напуштиле судницата, додека неколкумина останале да го следат рочиштето. По кратка пауза, со дозвола на судот, тие повторно се вратиле во судницата.

Во продолжението на рочиштето, Јованов се пожалил дека не му е добро. Со помош на затворски полицаец тој излегол од судницата и бил изнесен на воздух, при што се жалел на вртоглавица.

Рочиштето потоа било прекинато, откако Јованов побарал лекарска помош.

Според информациите што судијката ги добила од лекарскиот тим, Јованов се пожалил на болки во грбот поврзани со претходни операции на ‘рбетот, како и на нелагодност и болка во градите.

Во судницата било кажано дека му бил направен ЕКГ-преглед, при што не биле утврдени знаци на акутна состојба, но лекарите не ја исклучиле можноста за влошување на здравствената состојба. Препорачана била опсервација и дополнителни прегледи доколку тегобите продолжат или состојбата се влоши.

„Во овој момент ќе го прекинеме судењето, ќе го вратат во притвор, а доколку продолжи да се жали, разговарано е и со директорот на затворот во Куманово и ќе биде однесен на дополнителни испитувања и кардиолошки прегледи во Куманово“, појаснила судијката Груевска-Илиевска.

Притворот на Јованов законски истекува на 3 октомври. Неговата одбрана најавила дека ќе понуди гаранција во имот вреден речиси 200 илјади евра. Независно од одлуката за гаранцијата, Јованов по сила на законот ќе излезе од притвор по истекот на законскиот рок.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни