Американските претензии кон Гренланд воопшто не се променети, иако реториката на Вашингтон во последните неколку недели се смири и повеќе не се споменува воена интервенција. Данската премиерка Мете Фредериксен го потврди тоа на Минхенската безбедносна конференција минатиот викенд.
Фредериксен и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, во Минхен нагласија дека притисокот на кој се изложени жителите на најголемиот остров во светот е неприфатлив. На прашањето дали американскиот претседател Доналд Трамп и натаму сака да го преземе Гренланд, Фредериксен одговори: „За жал, мислам дека желбата е иста.“
„Средбата беше конструктивна“
Во Минхен, Фредериксен и Нилсен се сретнаа со американскиот државен секретар, односно министер за надворешни работи Марко Рубио. Во кратка објава на X, данската премиерка средбата ја оцени како конструктивна, што укажува дека американската страна не се откажува од своите идеи, а данската не попушта.
Поконкретен беше данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, кој за данската јавна радиотелевизија ДР изјави дека двете страни се согласиле оти иднината на Гренланд мора да се решава по дипломатски пат, дека разговорите континуирано продолжуваат и дека нема фиксен рок за нивно завршување.
Според него, на американската страна ѝ било јасно укажано дека секое решение мора да се донесе со почитување на данскиот суверенитет и правото на Гренланд на самоопределување. И Локе Расмусен потврди дека нема промена во американскиот став, односно дека Трамп и натаму очекува американски суверенитет над Гренланд.
Премиерот на Гренланд предупредува на опасни преседани
Јенс-Фредерик Нилсен пред два дена изјави дека е неприфатливо да се посегнува по териториите на други држави.
„Ако почнеме да го прифаќаме тој начин на размислување, ја отвораме вратата кон свет во кој големите сили си го делат влијанието меѓу себе без почит кон малите народи и нивното право на самоопределување. Тоа не е светски поредок што го сакаме“, рече тој.
Наспроти американските тврдења, Нилсен отворено посочи дека токму САД создава несигурност на Гренланд.
„Од наша перспектива, со години живеевме во услови на ниска тензија. Не се чувствувавме загрозени од Русија или Кина. Многу Гренланѓани првпат вистински почувствуваа несигурност кога сојузник изврши притисок врз нашата земја, што создаде сомнежи за нашата иднина“, изјави Нилсен.
Трамп би можел повторно да го разгори спорот во јули
Иако на почетокот така изгледаше, Европа и САД не се приближија една кон друга на безбедносната конференција во Минхен, а од темелите на НАТО не останало многу, оцени Клаудија Мајор, германска експертка за трансатлантски односи и долгогодишна советничка на низа европски и американски политичари.
Мајор за ДР изјави дека несогласувањата меѓу Европа и Америка реторички се смириле, но суштински ништо не е решено и дека Трамп само чека нова можност повторно да го разгори конфликтот.
„Европејците се надеваат дека најлошото помина, но се свесни дека нема никакви гаранции. Постои стравување дека Трамп повторно ќе ги истакне своите претензии во пресрет на 250-годишнината од САД во јули“, рече таа.
Според Мајор, првичните заклучоци од почетокот на гренландската криза значително се разликуваат во Европа и во САД.
„Во Европа тоа се сметаше за преминување на црвената линија – прашање од темелно значење за довербата. Мој впечаток е дека Американците размислуваат поинаку. Многу американски функционери не разбираат целосно колку силна беше реакцијата во Европа“, посочи таа.
Данска го демонстрира својот суверенитет
Во меѓувреме, Данска веќе со месеци настојува да го покаже својот интерес и суверенитет над Гренланд. За два дена во Нук ќе пристигне данскиот крал Фредерик, а во главниот град на Гренланд речиси постојано пристигнуваат дански функционери, министри и воени команданти.
Минатата недела на арктичкиот остров се појави и познатиот американски актер со данско потекло Вигго Мортенсен. Филмскиот Арагорн не сакаше да одговори зошто дошол на Гренланд, но се сретнал со премиерот Нилсен, а во јануари за данскиот дигитален неделник „Sjællandske Nyheder“ изјавил дека Данска „не треба да му предаде на САД ни квадратен сантиметар од Гренланд“.
