Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од делегација во која беше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска, во Владата се сретна со европската комесарка Мариа Габриел, придружувана од амбасадорот на Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија, Самуел Жбогар и нивните соработници.
„На патот на остварувањето на нашите стратешки цели, членството во НАТО, и обезбедување на почеток на пристапните преговори со ЕУ, целосно сме посветени на одржувањето на добрите, пријателски односи со соседите, тоа го покажуваат договорите за соработка со Бугарија и Грција, и убедени сме дека тоа го отвора патот за поблиска и посеопфатна соработка во Регионот“, рече
премиерот Заев, додавајќи дека меѓу приоритетите се прифаќање на нови технологии, кои денеска, во модерното време се вистинска потреба и зад која застанува целата Влада.
На средбата беше разговарано за важноста од поврзувањето и обезбедувањето на пристап до поширок, дигитален единствен пазар и интеграција.
Европската Комисија дава целосна поддршка во напорите на Северна Македонија за зголемување на капацитетите на експертите во областа на сајбер безбедноста и напорите на Владата на Северна Македонија за формирање нова регионална академија за кибер безбедност.
Еврокомесарката Габриел изрази задоволство што има можност на премиерот Заев да му упати честитки за успешното имплементирање на Договорот од Преспа, кој како што истакна таа, е многу силен сигнал за подготвеноста на Северна Македонија за интеграција во Европската Унија.