Македонија

Преспа е празна, во училиштето останале 20 ученици, порано имало 400

Прекрасен пејзаж со езерото отспротива, убави куќи и чист воздух. Ништо не му недостасува на селото Крани во Преспа освен луѓе. Тие се отселиле по другите континенти.

Овие врсници на Генц Седалиу, подобар живот нашле далеку од родното место. Иселувањата продолжуваат и денес вели тој, но мотивите не се исти како пред 40 години.

„Ако во 80-те мотивите беа политички, денес реалноста е поинаква, денес младите за жал изгубија надеж, не гледаат перспектива“, вели Генц Седалиу од селото Крани.

Училиштето во Крани некогаш имало 400 ученици. Денес има само 20. Учителката Кадиме има малку ученици во класот. Кога таа била ученичка во ова училиште, биле 44 ученици а сега се само 4 до 5 во одделение, толку колку да мораат да работат со комбинирани паралелки.

„Нема ученици, заминаа со родителите во странство. Најмногу во Америка, Канада, Австралија, сега и во европските држави, најмногу“, вели учителката Кадиме Ислаими.

-Стравувате ли дека некој ден ќе останете без ученици?

Да, тоа најмногу не плаши. Особено младите наставници, јас уште 2 години одам во пензија, но за младите е проблем бидејќи бројката многу се намалува.

„Некогаш Крани броело околу илјада жители, а денес заедно со околните албански села на Преспа, едвај се достигнуваа оваа бројка. Има многу нови куќи, но малку од оџаците чадат“, вели репортерот на ТВ21, Бесир Арифи.

Преспа заживува само во лето кога доаѓаат печалбарите. Овде не можеш да сретнеш млади по улица, а тие малкумина што ги сретнавме во кафулињата не сакаа да зборуваат.

Некои ни рекоа дека размислуваат да си заминат, но Сулејман Адили не им советува такво нешто.

Тој по 30 години на печалба ја напуштил Австралија и се вратил во родното место заедно со семејството, но вели дека ги разбира младите.

„Перспективата на младите е да останат тука, но и младите се во право, немаат егзистенција. Завршиле високо образование, со факултет и друго, а работа немаат, затоа сакаат да се иселат“, вели Сулејман Адили – поранешен печалбар.

Трендот на иселувањето на преспанци почнал пред 100 години, кога првите печалбари заминале за Америка. Освен Крани, масивна селидба има и од другите села какао Наколец, Грчар, Арвати и Асамати.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни