Незаборавен пресврт во Романија. Два дена пред граѓаните да излезат на гласање во вториот круг од претседателските избори, на кои за фаворит се сметаше независниот десничарски кандидат Калин Ѓорѓеску, Уставниот суд во Букурешт ги поништи резултатите од првиот круг одржан на 24 ноември!
Тоа значи дека изборниот процес ќе се одвива од почеток, а датумот за нови избори ќе биде закажан подоцна. Одлуката на судот беше под притисок на јавноста поради наводни сомневања за транспарентноста на изборниот процес, бидејќи романската разузнавачка служба објави дека земјата била цел на „агресивни руски хибридни напади за време на изборите“. Москва веќе негираше каква било вмешаност.
Претседателскиот кандидат Калин Ѓорѓеску (62) на изненадување на сите ги „победи“ сите свои ривали во првиот круг пред две недели, освојувајќи речиси 23 отсто од гласовите. Ѓорѓеску, со ставови дека на сите нивоа отстапува од официјалната политика на државата, ЕУ и НАТО, чиј член е Романија, најави дека ќе ја прекине натамошната поддршка од Букурешт за Киев и дека „ќе ја стави државата на прво место“. . Во недела тој во вториот круг требаше да се натпреварува со Елена Ласкони (52), проевропска кандидатка.
Во соопштението Уставниот суд наведува дека презел чекор за обезбедување на исправноста и законитоста на изборниот процес. Романскиот премиер Марсел Чолаку, кој во првиот круг важеше за фаворит на изборите, го поздрави потегот, нагласувајќи дека тоа е „правилна одлука“.
Законот предвидува, во случај на поништување на избори, тие да продолжат во втората недела од денот на поништувањето, односно на 22 декември. Сепак, судот одлучи да побара од власта да продолжи целиот изборен процес, а со тоа и изборната кампања.
Романскиот претседател во заминување Клаус Јоханис во средата објави декласифицирани документи со детали за „масовна и високо организирана кампања за Ѓордеску на социјалната мрежа „Тик-Ток“, наводно координирана од државен актер“. Документите вклучуваат разузнавачка проценка дека Русија извршува хибридни напади против Романија, која ја гледа како „непријателска држава“. Тие тврдат дека Ѓорѓеску во голема мера бил промовиран на кинеската платформа, преку координирани нарачки, алгоритми за препораки и преку платена промоција. САД, исто така, претходно изјавија дека се загрижени за наводното странско мешање во романските избори и повикаа на темелна истрага.
Неочекуваниот триумф на Ѓордеску предизвика големи контроверзии, бидејќи тој ја водеше кампањата без финансии, речиси исклучиво преку „Тик-ток“. Во пресрет на гласањето, анкетите му дадоа само едноцифрена поддршка од гласачите. Сето тоа ги зголеми сомнежите за неговата победа. Кинеската платформа веднаш се најде под лупа, поради што потпретседателот на романското регулаторно тело за телекомуникации, Павел Попеску, побара таа да биде суспендирана во таа земја додека „државните институции не истражат дали имало манипулации за време на претседателските избори“.
ЕУ пред вториот круг објави дека и наредила на кинеската платформа да ги замрзне податоците поврзани со романските избори, според сеопфатниот Закон за дигитални услуги, кој регулира како функционираат најголемите социјални мрежи во светот во Европа. „Тик-ток“ демантираше дека на каков било начин го фаворизира Ѓордеску.
Ѓорѓеску брзо стана трн во окото на Западот, особено затоа што зборуваше позитивно за рускиот претседател Владимир Путин и отворено ги критикуваше ЕУ и НАТО. По првиот круг тој ја ублажи реториката, истакнувајќи дека не сака Романија да ги напушти овие два сојузи, туку дека сака да преговара стоејќи исправено, а не на колена. Тој вели дека не се смета себеси за проруски настроен како што го карактеризираат на Запад и дека сака да ја стави Романија на прво место.
Тој истакна и дека се залага за мир во Украина, како и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Тој негираше дека неговиот изненадувачки успех досега е резултат на операција за влијание поддржана од Русија, велејќи дека „не му е грижа за лагите на разузнавачките агенции на неговата земја се додека работи со Бога и народот“.
– Се плашат. Тие не можат да прифатат дека романскиот народ конечно рече: „Го сакаме нашиот живот, нашата земја, нашето достоинство“, рече тој, пренесува Би-Би-Си.
Тој нагласи дека Романија, доколку биде избран за шеф на државата, повеќе нема да дава воена или политичка поддршка за Украина, со која се граничи:
– Нула. Сè запира. Имам само мои луѓе за кои треба да се грижам. Ние самите имаме многу проблеми.
Доколку тој ги спроведе своите предизборни ветувања, тоа би значело уште еден пресврт во надворешната политика на европската земја која му дава голема воена и финансиска поддршка на Киев од почетокот на конфликтот во Украина. Го испрати системот за воздушна одбрана „Патриот“ на својот сосед и стана клучна извозна рута за украинското жито, бидејќи руските бомбардирања ја оштетија работата на тамошните пристаништа.