Според последните податоци, бројот на повредени е околу 130, од кои многумина имаат скршеници на коските.
Бројот на жртви од силниот земјотрес што вчера ја потресе индонезиската покраина Источна Нуса Тенгара достигна 51, изјави денес шефот на Националната агенција за пребарување и спасување, Басарнас Мохамед Шафии.
Според последните податоци, бројот на повредени е околу 130, од кои многумина имаат скршеници на коските. Околу 5.000 луѓе се евакуирани, многу патишта се блокирани од лизгање на земјиштето.
Шафии рече дека спасувачките екипи денес пронашле уште три тела на луѓе закопани под урнатините. Националната агенција за управување со катастрофи почна да испраќа храна и друга хуманитарна помош во погодените подрачја. Планирано е да се дистрибуираат вкупно 50.000 пакети со храна. Вчера во воздухопловната база во близина на главниот град Џакарта беа доставени 10.500 пакети.
Џакарта се наоѓа на островот Јава, кој е во центарот на индонезискиот архипелаг. Островот Флорес, каде што беше епицентарот на земјотресот, е оддалечен повеќе од 1.500 километри од главниот град.
Американскиот геолошки завод соопшти дека епицентарот бил на длабочина од околу 10 километри. Најсилните од последователните потреси биле со јачина од 6,1 и 5,9 степени. Околу 1,5 милиони луѓе живеат во областите каде што бил почувствуван земјотресот.
Спасувачките екипи на островот Флорес сè уште бараат луѓе заробени под урнатините и ја проценуваат штетата во погодената област од земјотресот. Координаторот за спасување Фатхур Рахман изјави дека спасувачките екипи морале да ги расчистат патиштата до неколку погодени села.
Според индонезиските власти, земјотресот оштетил најмалку 346 станбени згради, од кои речиси половина се сериозно оштетени. Пријавени се и штети на повеќе од 100 образовни и здравствени институции, административни згради и храмови. Индонезискиот архипелаг опфаќа повеќе од 17.000 острови, кои спаѓаат во таканаречениот „Огнен прстен“ – еден од најактивните сеизмички региони во светот.