Претседателот на Либан демантира дека потпишувањето договор со Израел значи признавање на еврејската држава

Претседателот на Либан, Мишел Аун, денеска ја отфрли оценката на премиерот на соседен Израел, Јаир Лапид, дека денеска потпишаниот билатерален договор за поморската граница значи признавање на еврејската држава.

Тој договор нема „политички импликации”, оцени Аун.

„Одбележувањето на јужната поморска граница е техничка работа која нема политички импликации, ниту е во спротивност со надворешната политика на Либан“, изјави тој.

Израелскиот премиер, Јаир Лапид, претходно денеска изјави дека Либан, со кој Израел технички е во војна уште од создавањето на Израел во 1948 година, со денеска потпишаниот договор за поморската граница „де факто“ ја признал еврејската држава.

„Тоа е политичко достигнување, не се случува секој ден непријателска држава да ја признае државата Израел во писмен договор, пред целата меѓународна заедница“, рече Лапид на седницата на Владата на која беше формално одобрен договорот.

„Државата Израел победи денеска во однос на безбедноста, економијата, дипломатијата и енергијата“, рече Лапид пред да го потпише договорот.

Церемонијата на размена на парафираниот документ ќе се одржи во базата на мировните сили на ОН во Накуру на границата со Либан, во присуство на американскиот посредник Амос Хохштајн и специјалниот координатор на ОН, Јоана Вронечка.

Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави договорот за поморско разграничување меѓу двете држави како „историска пресвртница“. Тој на вчерашната средба со претседателот на Израел, Исак Херцог, во Белата куќа рече дека постигнувањето таков договор е резултат на принципиелна и упорна дипломатија.

Вашингтон одигра клучна улога во посредувањето за време на долготрајните преговори меѓу Израел и Либан, кои по многубројните меѓусебни судири технички сè уште се во војна.