Вечерва во Македонска филхармонија во Скопје се одбележа 110-годишнината од Битолскиот конгрес, односно Денот на азбуката.
На централната прослава се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Среќен сум и во исто време почестен што сум домаќин на оваа величествена вечер, кога одбележуваме 110-годишнина од Битолскиот конгрес, 110-годишнина од унифицирањето на албанската азбука и задоволство ми е да ве поздравам во својство на претседател на Собрание и од име на пратениците во Собранието на Република Македонија, сите вас кои со вашето доаѓање ја зголемивте вредноста и значајноста на овој настан, и искажавте почит кон сонародниците и вашите сограѓани.
Сме пораснале, сме созреале како општество, како држава, како регион и сега работите ги гледаме во една поинаква перспектива, со друг објектив. Дијапазонот е проширен и во него нема простор за бариери, за граници. Всушност, границите и бариерите се само во менталитетот на оние кои останале заглавени во тмурните ходници на едно минато време.
Новите генерации, нашата младина, со волјата, со трудољубивоста, интелектот и знаењето што го поседува, граби напред со извонредни чекори и ние што сме актуелно на позиции да донесуваме одлуки значајни за иднината на државите, граѓаните, нашата младина и нашите деца имаме обврска и морална должност ова да го овозможиме, да го олесниме за нивниот потенцијал, нивниот придонес за општеството, за државата и за регионот да се види, да се цени и да се ужива од сите. Затоа што, времињата се менуваат, се менува дискурсот, меѓутоа важно е една работа да биде иста и заедничка, а тоа е целта и тежнеењето каде сакаме да стигнеме, и тоа да стигнеме заедно, како нации, како држави, како регион. Иако сум сигурен дека на сите ни е јасно, повторно ќе речам, нашето полноправно интегрирање и интегрирањето на целиот регион во структурите на Европската Унија и НАТО се врзното ткиво на нашата држава со соседите, со регионот, со светот.
Заради оваа причина, не се штеделе себеси сите политичари во земјата, меѓутоа и политичарите од регионот, затоа денес сме тука каде што сме, односно, Македонија ги поминува последните километри пред полноправното членство во НАТО сојузот и почетокот на преговорите со Европската унија, Албанија е полноправна членка на НАТО со статус кандидат за членство во Европската унија додека пак Косово ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Ова уште еднаш потврдува дека регионот ги има надминато или пак ги надминува инаетите од минатото и се позиционира на полето на старите европски и светски цивилизации, таму каде што и географски припаѓа.
На крај, важно е сите да го впериме погледот во иста насока, или како што вели слоганот на оваа вечер:
„За нас сонцето изгрева на запад“
