Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес конференција информираше дека во Министерството, заклучно со вчерашниот ден, се пристигнати 6.500 барања за покривање на дел од сметките за електрична енергија за домаќинствата со ниски примања.
Тој додаде дека согласно предвидените буџетски средства за оваа намена, која изнесува 60 милиони денари, со финансиска поддршка може да се стекнат околу 7.000 домаќинства.
„Очекувам денеска и утре да пристигнат уште 200 барања“, додаде Бектеши.
Министерот информираше и дека составени се 5 комисии кои ќе работат до крајот на месец февруари и ќе биде изготвена финалната листа на баратели кои ќе се стекнат со финансиска помош.
„Финансиската поддршка ќе ја добијат најранливите категории преку примена на принципот најниски примања во домаќинство во 2021 година, во соодветната категорија“, вели Бектеши.