Оштетени автобуси и со скршени прозорци. Вака изгледаат неколку приватни автобуси кои превезуваат граѓани. Возачите и сопствениците на автобусите кои се сообраќаат на линијата со број 19, велат дека штетите се резултат на незадоволството на патниците. Кога автобусите се преполни, возачите ги затвораат вратите, оставајќи други патници да чекаат на автобуските постојки.
Излегоа на протест, за како што велат, да докажат на сите патници дека не е нивна вина што автобусите не се сообраќаат почесто.
„Со 12 автобуси и со 10 минути разлика помеѓу нив, не може да работиме. Не може да се реши овој проблем со државните автобуси, бидејќи пуштаат автобуси кои не можат да се движат ниту 2 метра. Доаѓаат возачите и спијат по цел ден во автобуси. Разликата од 10 минути и 10 минути од приватниот, стануваат 20 минути. Со три станици се полни автобусот, така да другите патници не можат да се качат за да стигнат до нивните дестинации. Принудени сме да преземаме некакви мери, бидејќи народот ни ги крши автобусите, секој ден се кршат прозорци“, вели Мухадин Халили, возач на линијата 19.
Возачите прстот го вперија кон градот Скопје, кој според нив е главниот виновник за незадоволство на патниците и на возачите. Сопствениците на автобусите велат дека поднеле бројни жалби до првиот човек на Град Скопје, но дека не добиле никаков договор.
„Нашите барања не беа земени во предвид. Шилегов не сака да слуша за оваа работа. Од него бараме решение за нашата работа. Да работиме како што треба, бидејќи ја држиме линијата веќе 27 години“, изјави возачот на линијата број 19, Енвер Амети.
Како што велат тие, на линијата со број 19 некогаш се сообраќале 26 автобуси, а сега само 12, од кои десет приватни, а два на ЈСП Скопје. Разликата помеѓу два автобуси порано била седум минути, а сега е десет. Едно од нивните барања е автобусите на ЈСП воопшто на не сообраќаат на линијата со број 19. Побаравме став и од Град Скопје, но до почетокот на овие вести не добивме никаков одговор.
РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ
