Два од најпознатите и историски најзначајни хотели во центарот на Скопје наскоро ќе добијат нова сопственичка структура. Култниот хотел „Бристол“, кој со години е затворен, веќе е продаден, а во постапка за продажба е и хотелот „Јадран“, познат и како „Арапската куќа“.
Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, нов сопственик на хотелот „Бристол“ е компанијата ГМ Проперти.
Според достапните податоци, фирмата е основана пред две години, а во моментот нема пријавени приходи ниту вработени. Компанијата има финансиска изложеност преку банкарски кредит од над 300 милиони денари, односно околу пет милиони евра.
Како сопственик на ГМ Проперти е наведен Емил Кратовалиев, член на Управниот одбор на осигурителната компанија „Уника“. Меѓу основачите на компанијата бил и Зоран Антиќ, сопственик на „МГ Фешн“ и акционер во „Македонијатурист“, но тој излегол од сопственичката структура во март 2026 година.
Продажбата следува откако „Македонијатурист“, компанијата која беше сопственик на хотелите, во мај годинава преку Македонската берза информираше дека Собранието на акционери ја одобрило продажбата на хотелите.
Покрај „Бристол“ и „Јадран“, во продажба се и станови во сопственост на компанијата на улицата „Максим Горки“ и деловниот простор „Пивница“.
Хотелот „Бристол“ е еден од симболите на старо Скопје. Изграден е во 1923 година од браќата Атанас и Ристо Караџа, а во своето време важел за еден од најмодерните хотели во градот. Во него биле воведени телефонски линии во собите, а објектот имал и сопствена гаража.
Хотелот има богата историја и бил место каде престојувале бројни познати личности, меѓу кои и британската писателка и патописец Ребека Вест. „Бристол“ останува запаметен и како сведок на атентатот врз првиот македонски претседател Киро Глигоров.
Објектот требаше да одбележи 100 години постоење во 2023 година, но веќе подолг период не работи.
Во меѓувреме, нов сопственик се очекува да добие и хотелот „Јадран“, односно познатата „Арапска куќа“, која се наоѓа во строгиот центар на Скопје.
„Македонија турист“ го понудила објектот за 1,9 милиони евра, но Управата за заштита на културното наследство известила дека државата нема да го купи.
„Јадран“, кој е прогласен за историски споменик на културата во 1989 година, е изграден во 1938 година според проект на архитектот Иван Артемушкин. Објектот е познат по својата ориентална архитектура и историја поврзана со ерменското семејство Дикиџијан.
Продажбата на двата објекти отвора прашања за нивната иднина, особено поради нивната историска и архитектонска вредност. Новите сопственици ќе треба да ги усогласат идните планови со условите за заштита на културното наследство.