Емилија Јанеска од лабораториско-експертскиот тим на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје соопшти дека анализите на водата во Гостивар покажале хемиска и микробиолошка неисправност. Од деветте земени примероци, шест од различни локации во градот имале отстапувања во нивото на резидуален хлор, додека кај сите примероци била утврдена микробиолошка неисправност поради недоволна дезинфекција.
Како мерка, заменет е хлоринаторот на каптажата и започнато е хлорирање со повисока, но безбедна концентрација на хлор, согласно прописите за кризни состојби.
Јанеска најави дека во наредните денови ќе продолжи секојдневното земање и анализа на примероци, а Кризниот штаб ќе биде известен веднаш штом водата ги исполни сите санитарни услови и биде безбедна за пиење.