Свет

Пронајдена уште една црна кутија од авионот што се урна во Казахстан: Сослушани преживеаните, истрагата продолжува

Уште една црна кутија е пронајдена кај остатоците од авионот што се урна вчера во Казахстан.

Властите зеле изјави од патниците кои ја преживеале несреќата, а ќе разговараат и со персоналот на аеродромот и контролата на летот со кој разговарал екипажот.

„Собрани се и снимките од разговорот меѓу диспечерот и екипажот. Во моментов се работи на собирање на сите сведоци. Се пребарува површина од 4.000 квадратни километри. Целата област е обезбедена од полицијата. “ беше објавено.

Да потсетиме, порано денеска беше пронајдена првата црна кутија, а читањето на двете ќе се врши според законските процедури.

Авионот „Ембраер 190“ на Азербејџан ерлајнс, кој леташе со број Ј2-8243 од Баку до Грозни, принудно слета и се урна во близина на градот Актау. Во авионот имало 67 лица, од кои 5 членови на екипажот и 62 патници. Во несреќата животот го загубија 38 лица, додека 29 преживеаја. Причините за несреќата се истражуваат.

Повеќе од 20 луѓе имаа неверојатна среќа да го преживеат падот на авионот на Азербејџан ерлајнс, кој се урна во средата наутро во близина на градот Актау во Казахстан. Меѓу нив е и стјуардеса, која го преживеала падот со друга колешка, додека тројца нејзини колешки загинале.

Според последните податоци, 38 од 67 лица во авионот загинале во несреќата, соопштија официјални лица. Меѓу жртвите се и пилотот, копилотот и стјуардесата кои кобниот ден седеле во предниот дел на авионот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни