Пронајдени уште два речиси совршени топчести неолитски предмети на Оркни Островите

Тим од археолози открија уште две мистериозни полирани топчести предмети во гробница со повеќе соби, на Оркниските Острови во северна Шкотска, пишува Дејли мејл.

Според нив, се верува дека тие се стари повеќе од 4.000 години, а откриени се на остров во заливот Треснес, при работа на Универзитетот на Ланкашир и Националниот музеј на Шкотска.

Ископувањата во оваа област започнаа од 2017 година и стручњаците брзаат да ги завршат ископувањата, бидејќи гробницата се урива.

„Ова е многу интересно откритие“, сметаат археолозите.

Предметите имаат дијаметар од околу пет сантиметри, односно колку пинг-понг топче, додека пак едниот од нив има совршена сферична форма.

За што биле наменети овие топчиња, сѐ уште точно не се знае, но научиците претпоставуваат дека можеби биле користени како орудие за обработка на кожа, оружје или за верски обреди и гатање.

На овие острови, досега вкупно се пронајдени околу 20 вакви неолитски топки, а научниците ги сметаат за „неверојатно откритие“. Покрај топчињата, за време на ископувањата, истражувачите пронашле човечки и животински остатоци, ќерамика и разни артефакти од камен – ножеви, чекани, капаци од садови и стрели.

Археолозите оваа година планираат да продолжат со проучување на содржината на гробницата и ќе се обидат да утврдат како е изградена.