Пронајдено телото на Стивен Ивановски – ДНК анализата потврди дека загинал во пожарот

Потрагата по младиот Стивен Ивановски заврши со најлошиот можен исход. Тој е пронајден починат, а неговиот идентитет е официјално потврден преку ДНК анализа.

Информацијата за МИА ја потврдија и од Владата на Република Северна Македонија, која добила известување од швајцарските власти во Берн.

Се вчитува...

Идентификуван преку ДНК

Од Владата изразија длабоко жалење за загубата на младиот живот.

„Има потврда од Берн, телото е идентификувано. За жал, станува збор за починато лице. Член на семејството потврдило согласно ДНК. Изразуваме длабоко жалење и сочувство“, велат од Владата.

Семејството бараше спас преку социјалните мрежи

Ивановски се водеше како исчезнат веднаш по избувнувањето на страотниот пожар во дискотеката во ски-центарот Кранс-Монтана. Во изминатите денови, неговото семејство и пријателите очајно бараа каква било информација за него преку социјалните мрежи, надевајќи се на чудо.

Според швајцарските медиуми, билансот на трагедијата е застрашувачки – 40 загинати и над 100 повредени. Македонската држава претходно понуди помош за лекување на настраданите во оваа несреќа.