Протест на „Да ја спасиме Попова Шапка“, бараат одземање на лиценцата на ЕЛЕМ ТУРС

Револтирани и разочарани, граѓаните на Тетово денеска протестираа за туристичкиот центар Попова Шапка. Според нив овој туристички центар заслужува поголема инвестиција. Граѓанската иницијатива “Да ја спасиме Попова Шапка“, околу половина час го блокираа патот кон Попова Шапка, и јавно ги соопштија нивните барања упатувајќи апел до премиерот Заев да ја посети Попова Шапка и да се запознае со проблемите на овој туристички центар кој беше еден од најпознатите во бивша Југославија.

„Овие денови гледаме уривање, уништување и сквернавење на овој економски извор во земјава, ова го дозволивте вие со вашите неуспешни политики. Младите и спортот се локомотива на економскиот развој, а вие, нашата локомотива, младите и спортот ги избркавте во Европа“, изјави Хамди Сулејмани, од граѓанската иницијатива “Да ја спасиме Попова Шапка“.

Аријанит Џафери од Еко Герила рече дека Попова Шапка денеска е претворена во уништено планинско село.

„Ова е рудник на злато би рекол условно, бидејќи бил познат во цела Европа, бил бисер на поранешна Југославија а денеска е претворен во уништено планинско село. Затоа важно е што побрзо да се спаси од раката која го окупирала, зборувам за компанијата ЕЛЕМ ТУРС која наместо да менаџира со местото, го има уништено во целост“, изјави Аријанит Џафери од здружението „Еко-Герила“.

На протестот му се придружи и уметникот од Тетово, Ариф Зибери.

„Треба да се преземе нешто за Попова Шапка, Владата, надлежните, да се освестат да направат нешто за Попова Шапка, а не да ја оставаат на милост и немилост на времето, ако Тетово има нешто што вреди, тогаш тоа е Попова Шапка“, изјави Ариф Зибери.

Со капацитет од 110 км патеки, само 12км се искористени, од иницијативата бараат на АД ЕЛЕМ да му биде одземено правото на менаџирање и да се искористи можноста за давање под концесија.

Од “Да ја спасиме Попова Шапка“, велат дека доколку не се преземе конкретен чекор за развој на овој туристички комплекс, ќе продолжат со протести се до постигнување на целта.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД АБАЗИ

Извор: ТВ21