Протестен марш на ССМ: Работниците на улица бараат минимална плата од 600 евра

Денеска, точно во 12:05 часот, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го започнува најавениот голем протест.

Маршот започнува пред Работничкиот дом во Скопје, а рутата продолжува пред Собранието и Стопанската комора, со завршница пред зградата на Владата.

Главните барања на синдикатот се јасни:

  • Зголемување на минималната плата на 600 евра.
  • Линеарно зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека работничките права не се подарени, туку извојувани со борба.

Според него, планираното законско усогласување на минималната плата од само 1.667 денари е недоволно за пристоен живот.

„Колку ќе дојдете, толку ќе добиеме“, истакна Трендафилов, потенцирајќи дека протестот е во неработен ден за да нема изговори за масовност.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски упати апел до јавноста за внимателност, обвинувајќи дел од синдикалното раководство за „политичка манипулација“ и директна поврзаност со опозицијата.

Мицкоски нагласи минималната плата веќе се зголемува и наскоро ќе надмине 26.000 денари.

Според него, брањата за драстични зголемувања треба да бидат упатени до работодавачите преку бипартитен дијалог, а не само до државата, а пресметките за потрошувачката кошница ги нарече нереални и инструмент за создавање политички хаос.

    Додека ССМ маршира за повисок стандард, Владата останува на ставот дека е подготвена да поддржи само консензус постигнат меѓу работниците и приватниот сектор, без притоа да се наруши економската стабилност.