Со новинарски елек закачен на јаже и микрофон со лисици, се протестираше пред обвинителство. Протестот следува по кривичната пријава од Основното обвинителство кон новинарот Александар Митовски кој што во август објави дел од доказите дадени во обвинителство за скандалот Рекет. Микрофонот со лисици беше оставен пред влезот на Обвинителство кое според Митовски, со своите кривични пријави сака да ги замолчи новинарите.
Од обвинителството со кое раководи Љубомир Јовески, се маршираше до Кривичен суд. Но не сите се охрабрија да се придружат на овој марш. Бројот на демонстранти видно се намали. По пат застанаа кај Обвинителството за тежок криминал за да ја почекаат Катица Јанева која требаше да даде исказ пред шефицата за тежок криминал Вилма Рускоска.
Бидејќи таа доцнеше, продолжија напред, оставајќи зад себе новинари и камермани кои чекаа да ја снимат Јанева со лисици на раце.
Мал беше бројот на оние што маршираа до судот, како на демонстранти така и на медиуми.
Елекот со натпис ПРЕС и пластичните лисици беа оставени пред вратата на Кривичен, иако имаше обиди да се тргнат од таму.
Овој протест е организиран од Македонската асоцијација на новинари. Иако имаше осуда на одлуката на Обвинителство за кривичната за новинарот, главните од ЗНМ не се појавија на протестот. Писмена реакција имаше и од АВМУ.
Во врска со тужбата против Митовски, Основното обвинителство денеска испрати појаснување дека кривичната пријава е покрената поради објавувањето на интернет доказ даден во обвинителството за следење организиран криминал и корупција. Објавувањето на овие податоци според ОЈО е прекршување на законот бидејќи истите се службена тајна.