Преку ученичките протести бараат враќање на училиште за да следат настава со физичко присуство. И новиот министер за образование Арафат Шабани вели дека протестите се политизирани.
„Еднаш треба да се направи разлика меѓу образование и политика. Колку што гледам јас последниве денови разни политички кругови почнаа да ги политизираат образовните прашања“, посочи Арафат Шабани.
Шабани вели дека тие кои протестираат треба да понудат и алтернатива за тоа како ќе се одвива наставниот процес доколку некој ученик се зарази во училиште и кој ќе биде одговорен тогаш.
„Сега тие кои што бојкотираат дали нудат друга алтернатива? Ако не држат настава онлајн а сакаат настава со физичко присуство, но за одржување таква настава кој ќе биде одговорен, бидејќи сите индикации се дека во одредени кругови има зголемен број со Ковид 19“, вели Арафат Шабани.
За проблемите со националната платформа, недостигот од лаптопи и други прашања, МОН е свесно и во текот на неделата треба да преземе конкретни чекори за надминување на овие проблеми.
„Самата пракса покажува, имаме проблеми со платформата, интернетот, компјутерите, лаптопите, кој има и кој нема и еден друг многу важен аспект, обуките, бидејќи како што знаете самите една недела се обучуваа наставниците, значи сега добиваме повратни информации од праксата и сите овие проблеми ќе ги решаваме во текот на неделава и МОН треба да преземе конкретни чекори за надминување на овие прашања“, додаде Арафат Шабани.
Шабани вели дека последниве денови вирусот зема голем замав и изведувањето на наставата со физичко присуство не зависи од состојбата и условите во училиштата туку од епидемиолошката состојба.
.
