Македонија

Прв случај на западнонилска треска годинава во Македонија

Прв случај на западнонилска треска годинава во Македонија

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрираше прв потврден случај на западнонилска треска за оваа година во Македонија, кај 55-годишен маж од Велес.

Пациентот побарал лекарска помош по појава на нагла висока температура, изразена слабост, кожен осип и постепено влошување на менталната состојба. Поради влошување на симптомите, бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде состојбата подоцна се стабилизирала.

Лабораториските анализи ја потврдиле инфекцијата со западнонилски вирус, преку присуство на IgM антитела во ликвор, што укажува на зафатеност на централниот нервен систем.

Од здравствените власти информираат дека ризикот за општата популација во моментот се оценува како умерен, но нагласуваат дека може значително да се намали со доследно спроведување на мерките за лична заштита од убоди од комарци.

Западнонилската треска не се пренесува од човек на човек, туку исклучиво преку убод од инфициран комарец, најчесто од родовите Culex и Aedes. Вирусот циркулира во природен циклус меѓу птици и комарци, додека човекот и коњот се сметаат за случајни домаќини.

Кај најголем дел од инфицираните лица нема симптоми, но кај дел од пациентите се јавуваат треска, главоболка, замор и осип. Во ретки случаи, инфекцијата може да предизвика сериозни невролошки компликации, вклучувајќи воспаление на мозокот и парализа.

Специфичен лек или вакцина против западнонилска треска не постојат, па терапијата е симптоматска и поддржувачка.

Здравствените служби апелираат за зголемена претпазливост во периодот на зголемена активност на комарците, преку користење репеленти, носење заштитна облека, поставување мрежи на прозорци и редовно отстранување на стоечка вода.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни