Дваесет и едногодишниот руски војник Вадим Шишимарин денеска е осуден на доживотен затвор за убиство на цивил, јави ДПА.
Судот во Киев пресуди дека вината на војникот е докажана откако тој признал дека убил 62-годишен цивил како дел од руската инвазија на Украина.
Ова е прв случај за воени злосторства против руски војник вклучен во инвазијата.
Убиството се случи на 28 февруари во украинското село Чупахивка, во североисточниот регион Суми. Рускиот војник рече дека ги послушал наредбите од претпоставените и побарал прошка за време на сослушувањето.
Обвинителството бараше доживотен затвор, а одбраната бараше војникот да биде ослободен од обвиненијата бидејќи извршувал наредби.
Казната не е конечна и може да се обжали до повисокиот суд. Можно е рускиот војник да биде разменет за украински воени заробеници, забележува ДПА.
