Пукање во Турција: Убиени тројца полицајци и шест припадници на ИСИС!

Три турски полицајци загинаа, а девет се повредени во размена на оган со припадници на терористичката група Исламска држава за време на антитерористичка операција во провинцијата Јалова, соопштија властите.

Инцидентот се случил околу 3 часот наутро по локално време, кога полицијата упаднала во куќа во селото Елмалик, околу девет километри од центарот на Јалова, на северозападот на земјата. Се претпоставувало дека во куќата престојуваат припадници на Исламска држава.

Се вчитува...

Осомничените отвориле оган додека полицајците се приближувале. Според достапните информации, во судирот биле убиени шест припадници на Исламска држава. Повредените полицајци добиле лекарска помош во Болницата за обука и истражување во Јалова.

Во операцијата учествувале и специјални единици од соседната провинција Бурса, а безбедносните мерки околу местото на настанот дополнително биле засилени. Наставата била суспендирана во пет блиски училишта, а патиштата кои водат кон куќата биле затворени.

Засилени антитерористички активности

Турската регулаторна агенција за електронски медиуми вовела привремена забрана за известување за инцидентот, со насока да се објавуваат исклучиво официјални информации. Операцијата се спроведува во момент кога турските власти ги засилиле антитерористичките активности пред новогодишните прослави, по разузнавачки предупредувања за можни напади на Исламска држава.

Полицијата во Истанбул на 25 декември привела 115 осомничени припадници на Исламска држава во рации на 124 локации, по дојава дека групата планира напади за време на божиќните и новогодишните прослави. За 137 лица се издадени наредби за апсење, а полицијата запленила оружје и муниција. Потрагата по останатите 22 осомничени сè уште продолжува.