Свет

Путин по средбата со Ердоган: Европските партнери да и се заблагодарат на Анкара за функционирањето на Турски тек

Путин по средбата со Ердоган: Европските партнери да и се заблагодарат на Анкара за функционирањето на Турски тек

Гасоводот Турски тек работи без прекин и европските партнери мора да и бидат благодарни на Турција за тоа, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин на средбата со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган во Сочи.

– Верувам дека нашите европски партнери мора да и бидат благодарни на Турција за нејзината поддршка за непречен транзит на нашиот гас до европскиот пазар, рече Путин.

Тој изрази очекување дека меморандумот за развој на трговијата и економските врски меѓу двете земји ќе бидат потпишани денеска.

Рускиот претседател му се заблагодари на Ердоган и за напорите што ги направи за да се реши прашањето за испорака на жито од Украина.

Од своја страна, Ердоган истакна дека Анкара и Москва се пред отворање на нова страница во билатералните односи и соработка. – Верувам дека нашиот разговор ќе отвори нова страница во односите меѓу двете земји.

– Би сакал да разговараме за прашањата за енергетската соработка, извозот на жито преку Црното Море, туризмот и регионалните прашања, рече Ердоган. Тој посочи дека една од темите на разговорот ќе биде и прашањето за Сирија.

Според претходните најави, Путин и Ердоган прво имаа тет-а-тет средба во Сочи, а потоа ќе им се придружат и делегациите. Во турската делегација се и министерот за надворешни работи, министерот за одбрана и шефот на разузнавачката служба.

Кремљ претходно најави дека ќе се разговара за енергетиката и за проширување на трговските и економските врски. „Во согласност со договорите постигнати на билатералната средба на претседателите во Техеран на 19 јули, планирано е детално да се разговара за темата руско-турска мултилатерална соработка, вклучително и перспективите за натамошно проширување на трговските и економските врски и спроведувањето на заеднички стратешки проекти во енергетскиот сектор”, се наведува во соопштението на Кремљ.

Ова е втора средба меѓу Ердоган и Путин за 17 дена, откако претходно се сретнаа во Техеран, на трилатерална средба со иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни