Шпанија преминува во 4-дневна работна недела. За таа цел, Министерството за индустрија, трговија и туризам во земјава ќе додели до 150.000 евра за малите и средни претпријатија кои воведуваат помалку работни денови, без, сепак, намалување на платите на вработените. Ова го пренесува RTVE.
Пилот проектот се очекува да биде претставен во наредните денови. Бизнисите ќе мора да ја скратат работната недела на своите вработени за најмалку 10% и да се држат до овој план најмалку две години. Со иницијативата се очекува да бидат опфатени меѓу 60 и 70 мали и средни претпријатија.
И властите во Португалија пред извесно време ги објавија своите планови за експериментирање со воведување 4-дневна работна недела и во јавниот и во приватниот сектор. Но, владата нема да ги субвенционира претпријатијата кои учествуваат во пилот-проектот за да се добие објективна оценка.
За пократка работна недела договорија и здруженијата на работодавачи и белгиската влада. Со одлука на Владата максималниот работен ден се зголемува од 8 на 10 часа, а со дозвола на синдикатите секој работник или вработен ќе има можност да го избере ритамот на работа кој му одговара – 5 дена од 8. часа или 4 дена од 10 часа.