Македонија

Радикални мерки против африканска чума – ловџиите и АРМ ќе извршат отстрел на 50% од дивите свињи

Со цел спречување на појава на африканската чума, Министерството за земјоделство бара отстрелување на дивите свињи. За 10 дена треба да биде извршен отстрел на 50% од дивите свињи кои гравитираат во ловиштата на годишно ниво. За секое заловено грло, освен месото, ловецот ќе добие и награда од 1000 денари. А, фармерите кои доброволно ќе ги донесат нивните свињи на колење, ќе добијат по 3.000 денари по грло. Доколку ловџиите не успеат, во акцијата ќе се вклучи и Армијата, најавува вицепремиерот Кочо Анѓушев. Како превентивна мерка ќе бидат засилени и царинските контроли, при кои ќе биде одземено свинското месо кое се пренесува. Исто така, ќе се забрани и увозот на свинското месо.

Годинешната ловна сезона ќе започне два месеци порано. В четврток министерот за земјоделство ќе се сретне со ловните здруженија, со цел изготвување акционен план.

Реагираат од Здружението за заштита на животна „Анима Мунди“. Според нив, убивањето на свињи е монструозен чин и, како што велат само Македонија може да потроши 65 милиони денари од буџетот за ваков брутален масакр.

Вицепремиерот Анѓушев вели дека Владата одлучила да го намали бројот на дивите свињи со цел да ја спречи појава на  болеста, која веќе е регистрирана во Србија и Бугарија. Штетата по економијата, во случај на појава на болеста, би достигнала до 100 милиони евра годишно.
Над 100 илјади грла свињи се одгледуваат во фарми со високи био сигурносни мери, додека околу 18 илјади без ваков вид мерки. Болеста е смртоносна и се пренесува преку директен контакт меѓу свињите. Чумата не е опасна по луѓето и другите животни.

РЕПОРТЕРКА: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ

Извор: ТВ21