Радосни вести од Шар Планина: Забележани две нови единки од балкански рис

На територијата на Јавното претпријатие Национален Парк Шар Планина неодамна беа забележани две нови единки од балкански рис, соопштија од Паркот. Новите појави се регистрирани преку трап-камери во рамките на редовниот мониторинг на дивите животни, на делот кој административно припаѓа на Општина Врапчиште.

Со овие нови единки, бројот на идентификувани рисови на територијата на Паркот се зголеми од три на пет. Според соопштението, двете единки се во добра здравствена состојба, што укажува на стабилизирање и закрепнување на популацијата на овој редок вид на Шар Планина.

„Благодарение на заложбите на тимот на ЈУ Национален Парк Шар Планина, бројот на дивите животни, особено на рисот, е во пораст, што го потврдува позитивниот ефект од мерките за заштита на природата“, се наведува во соопштението.

Од Паркот истакнуваат дека продолжуваат посветено да се залагаат за заштита на дивиот свет и унапредување на екосистемите на Шар Планина, со цел долгогодишно одржување на природното богатство на регионот.