Рафинеријата утре престанува со работа? Сè уште нема одлука за Нафтената индустрија на Србија, Вучиќ свика итен состанок!

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека денеска ќе се одржи клучен состанок посветен на ситуацијата со Нафтената индустрија на Србија (НИС), чија рафинерија во Панчево утре би можела да биде исклучена доколку не пристигне позитивен одговор од САД.

Работењето на НИС зависи од одлуката на Стејт департментот и Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), кои треба да одлучат дали ќе ја продолжат лиценцата за работа на компанијата.

„Не можеме да одлучуваме наместо Русите… Ако не добиеме лиценца од САД, ќе мораме на различни начини да обезбедиме нафта и деривати во периодот што следи“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека очекува Американците да не дадат конкретен став, објаснувајќи дека можат да се повикаат на недоволно обезбедени информации. Според него, Русија, како мнозински сопственик, нема голема брзина да реагира, бидејќи нивниот интерес е имотот да остане во нивна сопственост што е можно подолго.

Вучиќ нагласи дека нема причина за паника кај граѓаните.

НИС е под американски санкции веќе 54 дена поради руското мнозинско сопствеништво. Србија сè уште го чека одговорот од Стејт департментот и OFAC за продолжување на лиценцата, додека рафинеријата во Панчево продолжува да работи во режим на т.н. „топла циркулација“. Паралелно, државата го зголемува увозот на нафтени деривати.

Економистот Бојан Станиќ од Привредната комора на Србија за РТС изјави дека евентуалното непроодолжување на лиценцата би било сериозно разочарување. Доколку дојде до негативно сценарио, тој оцени дека краткотрајно запирање на рафинеријата нема да создаде непосредни проблеми, но предупреди дека целата ситуација ја намалува вредноста на НИС.