Во врска со денешното пукање во Куманово, директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Игор Мерџановски, соопшти дека на клиниката бил донесен 43-годишен пациент со огнострелни повреди на левата надлактица и десната подколеница.
– Пациентот е вон животна опасност, направени се сите потребни иследувања и тој е префрлен на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија за понатамошен третман – изјави Мерџановски.
Според досегашните информации, повредениот е Зекирија Шаини, вработен на скопската Клиника за пулмологија и носител на советничката листа на ДУИ во општина Липково. Тој бил повреден попладнево во вооружен инцидент во центарот на Куманово, на улицата зад општинската зграда.
Според првичните сознанија, нема индиции дека мотивот за нападот е политички.
Од Министерството за здравство соопштуваат дека со вознемиреност ја примиле веста за вооружениот напад во кој бил повреден нивниот колега, доктор Шаини.
– Повредите не се животно-загрозувачки, докторот е во стабилна состојба и се опоравува. Ќе биде обезбедена целосна поддршка за него во текот на неговото лекување и рехабилитација – стои во соопштението од Министерството.
Од таму исто така нагласуваат дека категорично го осудуваат секое насилство врз здравствените работници, додавајќи дека нивната безбедност е приоритет.
– Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на здравствениот персонал преку соработка со здравствените установи и локалните власти. Министерството активно ќе соработува со Министерството за внатрешни работи и со локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот – додаваат од Министерството за здравство.
Тие упатија и повик за воздржаност, почитување на приватноста и солидарност кон повредениот и неговото семејство, најавувајќи дека ќе ја следат состојбата на доктор Шаини и навремено ќе ја информираат јавноста за сите значајни промени.