Постојано е во пораст бројот на сообраќајни несреќи. Во Битола до месец Ноември се случиле 176 сообраќајни несреќи, од кои три со смртни случаи. На ниво на држава до овој месец имало 160 жртви, и 6000 тешко повредени лица.
„Светската здравствена организација кажува дека втора од причините за смртност се токму сообраќајните несреќи на учениците од 10 до 14 и на младите од 20 до 24 години. Најчестата причина за несреќите е големата брзина, конзумирањето на алкохол, непочитувањето на прописите“, изјави Јасмина Талевска, претседател на Советот за безбедност.
Од Комисијата за безбедност во сообраќајот во општина Битола велат дека бројот на сообраќајни несреќи во населени места се зголемува и поради тоа треба да се преземат мерки на превенција.
„Поразителен е фактот што бројот на сообраќајни несреќи расте секоја година се повеќе и повеќе и тоа во населените места, па и последиците се поголеми. Според извештајот од СВР Битола како најчести причини за сообраќајни несреќи во населните места се слабата вертикална и хоризонтална сигнализација. Во соработка со Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и Комисијата за безбедност и други лица беа изготвени 100 мерки за безбедност во сообраќајот, но од мнозинството во Советот беа отфрлени“, рече Иванчо Тошевски.
Во Република Македонија глобата за непочитување на брзината изнесува и до 400 евра.
Статистиката покажува дека минатата година во Република Македонија, 72 лица, односно 46% од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се последица на брзо возење. Во 2017 година, повеќе од половина од настраданите лица во сообраќајните незгоди во Европа, настрадале поради пребрзо возење.
Според податоците на СЗО, годишно, во сообраќајни незгоди животот го губат околу 1,3 милиони луѓе, што претставува 2,2% од глобалната смртност.
Репортер: Јовица Пауноски.
