Македонската економија продолжува со позитивен тренд, а премиерот Христијан Мицкоски очекува годината да заврши со реален раст на БДП меѓу 3,5 и 4 проценти. Според него, резултатите се особено значајни имајќи ги предвид сложените економски услови во Европа и глобалните предизвици.
Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реконструираната Стара чаршија во Гевгелија, оцени дека економската активност во земјава покажува континуитет и тренд на консолидирање.
Во вториот квартал од 2026 година БДП пораснал за 4,3 проценти, додека растот во првото полугодие достигнал 3,7 проценти.
„Во вториот квартал има исклучително силна економска активност во Македонија. Убедливо најголема во регионот. Сè уште не се познати податоците за Грција, Косово и Албанија, но споредено со сите држави во регионот, од Турција преку Бугарија, Романија, Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска и така натаму, имаме убедливо најголем раст, и не само во вториот квартал, туку и во првото полугодие од годината“, изјави Мицкоски.
Премиерот потсети дека земјава 2024 година ја завршила со раст на БДП од околу 3 проценти, додека во 2025 година растот изнесувал 3,5 проценти. За оваа година очекува позитивниот тренд да продолжи и растот да биде во рамки од 3,5 до 4 проценти.
Според него, остварените резултати се постигнуваат во период на сериозни глобални економски предизвици, во услови на енергетска неизвесност, војната во Украина и забавен економски раст во Европа.
Мицкоски посочи и дека растот во Македонија е значително повисок од оној на Европската Унија и еврозоната. Според податоците што ги презентираше, ЕУ во истиот период бележи раст од 1,2 проценти, додека еврозоната од 1 процент.
Тој оцени дека континуираниот економски раст е показател дека државата се движи кон поголема економска стабилност, но нагласи дека остануваат голем број проблеми кои треба да се решаваат.
„Дали е сè решено? Не е решено. Дали ќе се решава? Ќе се решава. Важно е да не правиме нови проблеми. И верувам и убеден сум дека денес Македонија е многу подобро место за живеење од пред три години, дека идеално не е идеално, и убеден сум дека за три години ќе биде многу подобро место за живеење од тоа што е денес“, порача Мицкоски.
Премиерот додаде дека Владата ќе продолжи да работи на решавање на наследените проблеми, со цел да се одржи позитивниот економски тренд и да се подобрат условите за живот на граѓаните.